Обликување на ниво V од Националната рамка на квалификации


Значењето на V-тото ниво од Националната рамка на квалификации и недоумицата што се јавува дали квалификациите на ова ниво се дел од стручното или од високото образование, кога станува збор за квалификации кои обично се поврзани со специфични занимања, беа тема на дводневната конференција што се одржа на 7 и 8 јуни 2018 година, во Торино.

На конференцијата, организирана од Европската тренинг фондација во соработка со Советот на Европа учествуваа повеќе од 60 креатори на политики, работодавачи, едукатори, експерти, претставници на ЕУ и социјални партнери од цела Европа (од Белгија, Холандија, Франција, Германија, Финска) и 14 од земјите-партнери на ЕТФ (од Северна Африка, Средниот Исток, Турција, Балканот, Источна Европа и Централна Азија).

Конференцијата ја отвори, директорот на ЕТФ, Ксавиер Матју де Кортада, кои истакна дека Националните рамки на квалификации, каде што се дефинирани нивоата на квалификации (обично од 1 до 4 во стручното образование и обука  и од 6 до 8 во високото образование), се совршена алатка за обезбедување квалитетни и препознатливи вештини за пазарот на труд. Овие квалификации можат да ги поттикнат граѓаните за доживотно учење, признавање и мобилност во и низ земјите.

Жан-Филипе Рестуи, од Советот на Европа, зборуваше за недоумицата која постои за припадноста на овие квалификации на стручното или високото образование и истакна дека заедничката пречка за ниво V сепак е “комплицираниот” однос помеѓу високото и стручното образование и потребно е да се изгради мост на доверба.

На настанот учествуваа и преставници од Македонија, Наташа Јаневска, државен советник во Министерството за образование и наука и координатор на процесот за имплементација на Националната рамка на квалификации и Бојана Политова, советник за соработка со социјални партнери и државни органи од Центарот за стручно образование и обука кои дадоа приказ на сегашната состојба со квалификациите на V-то ниво од Македонската рамка на квалификации и идни активности за редизајнирање на квалификациите на V-то ниво според европските барања и препораки. Се потенцира дека досегашните квалификации на V-то ниво од Македонската рамка на квалификации се дел од стручното образование и обука, но следуваат активности за развивање квалификации кои ќе бидат дел од високото образование за V-то ниво, за кратките циклуси според Болоња процесот.