Регионални настани за подигање на свеста за Националната рамка на квалификации и концептот учење преку работа


Министерството за образование и наука и Центарот за стручно образование и обука започнаа јавни дебати за улогата, значењето и придобивките од воспоставувањето на Националната рамка на квалификации како инструмент за осигурување на квалитет во образованието и обуката и воспоставување на рамнотежа на пазарот на труд и образованието и обуката, со фокус на реформите во 4-ри годишното стручно образование и обука, каде во 3-та и 4-та година, практичната обука во компании (учење преку работа) станува задолжително подрачје во програмите, преку која учениците се здобиваат практични вештини, знаења и компетенции за полесен пристап на пазарот на труд и побрза вработливост.

Јавните дебати беа организирани во три региона. Првата јавна дебата се одржа на 30 октомври 2018 година во Струмица и во првиот регион беа опфатени учесници од училишта и компании, фирми и организации од Струмица, Кавадарци, Гевгелија, Валандово, Штип и Велес.

Втората дебата се одржа на 31 октомври 2018 година во Битола и во вториот регион беа опфатени учесници од Битола, Прилеп, Крушево и Охрид.

Третата дебата ќе одржи на 2 ноември 2018 година во Скопје и скопскиот регион ќе ги опфати учесниците од градовите Скопје, Куманово и Тетово.

На дебатите се дискутираше за предизвиците со кои се соочуваат во системот на квалификации и примената на практичната обука во компании и учесниците преку плодна дискусија даваа свои предлози и идеи како тие да се надминат.

Дебатите беа водени од страна на д-р Соња Ристовска, национален експерт, м-р Наташа Јаневска, државен советник во МОН и Бојана Политова, советник во Центарот за образование и обука.

Дискусиите помеѓу различните чинители на јавната дебата, ја истакна комуникативна улога на рамката како средиште за дијалог и  вклучување на сите чинители во процесот на Национална рамка на квалификации и ќе поттикнат реформи во системот на образование и обука за стекнување на квалитетни квалификации.