Со поддршка на ЕУ Делегација во Република Македонија, одделението за Национална рамка на квалификации и ИПА структурата во Министерството за образование и наука, започнаа промотивни настани за користење на воспоставената Национална рамка на квалификации.
Првиот настан се одржа на 14 февруари 2019 година во просториите на ЕУ Делегација. Целна група беа директорите и наставниците од средните училишта (гимназиските и стручни училишта).
М-р Ивана Поповска, координатор на ИПА 2, го истакна значењето на Националната рамка на квалификации за визијата и реформите што ги поттикна во образовниот систем и доживотното учење.
Обезбедувањето на квалитет во комплексниот систем на квалификации беше темата на презентацијата на м-р Наташа Јаневска, координатор за Националната рамка на квалификации. Таа истакна, дека во процесот на стекнување на квалификации се воспоставени критериуми, стандарди и процедури и воведен е пристапот на резултати од учење, критериуми за вреднување на резултатите од учењето и кредитниот систем. Тоа упатува на довербата во стекнатите квалификации и исполнетоста на барањата на Советодавната група за Европска рамка на квалификации во Европската Комисија.
М-р Зоран Јовчески,советник од Центарот за стручно образование, зборуваше на тема Стандард на квалификација, кој е основа за изработување на образовна програма и за кредитниот систем во стручното образование и обука како алатка за акумулирање на кредити и мобилност.