Стандард на квалификација и резултати од учењето


На 15 февруари 2019 година, во просториите на ЕУ делегацијата, се одржа вториот промотивен настан за користење на Националната рамка на квалификации во кој целна група беа претставници од Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат, Секторските комисии за квалификации и средните стручни училишта од Тетово и Куманово.

М-р Бранко Алексовски, советник од Центарот за стручно образование и обука ги презентираше состојбите за воспоставување на Македонската рамка на квалификации, улогата, целите и структурата на рамката. Тој истакна дека Препораката на Европскиот парламент и Советот од 28 април 2008 година за воспоставување на Европска рамка на квалификации за доживотно учење (ЕРК), поттикна воспоставување на рамки на квалификации и на национално ниво и поддршка за нејзино воспоставување од повеќе заинтересирани страни и поголем број на проекти.  Во својата презентација ги образложи перспективите на Националната рамка на квалификации.

Стандардот на квалификација и значењето на ЕЦВЕТ кредитите, беше темата на презентацијата на г-динот Чедомир Димовски, советник од Центарот за стручно образование и обука. Тој ја образложи потребата од Стандард на квалификација како основа за изработување на образовна програма и ги објасни елементите на Стандардот за квалификација.

М-р Валентина Гоцевска, советник од Бирото за развој на образованието своето излагање го започна со презентирање на Начелото дефинирано во Европскиот столб на социјалните права „Сите имаат право на квалитетно и инклузивно образование, оспособување и на доживотно учење за да се стекнат со вештини со чија помош би можеле целосно да учествуваат во општеството и  успешно да се движат на пазарот на трудот“ и посебно се задржа на улогата на резултатите од учењето кои се еден од елементите на Националната рамка на квалификации. Таа потенцираше дека пишувањето на резултатите од учењето бара големо внимание и сериозност и ги презентираше 10- те совети за пишување резултати од учењето во Стандардот на квалификација и наставната програма.

М-р  Наташа Јаневска, државен советник во Министерството за образование и наука, нагласи дека воспоставувањето на Националната рамка на квалификации и поврзувањето со Европската рамка на квалификации, предизвикаа измени и дополнувања во законите од областа на образованието: Закон за основното, средното и високото образование, Законот за стручното образование и обука, во делот на воведување на новите термини и изработувањето на образовните/студиските  програми и проодноста на хоризонтално и вертикално ниво во рамката; Законот за  образованието на возрасните, воведување на процесот на валидација на неформалното и информалното учење; Законот за развој на образованието, посебно во делот на педагошката документација и воведувањето на додатокот на диплома/сертификат и Законот за Државниот испитен центар во делот на националните тестирања.

Таа истакна дека градењето капацитети за одржливост на Националната рамка на квалификации треба да биде еден од приоритетите на кои ќе се работи, а одделението за Национална рамка на квалификации во Министерството за образование и наука, е единствено кое ги координира активностите помеѓу институциите, Секторските комисии за квалификации и Националниот одбор за Македонска рамка на квалификации.

Презентации:

МРК Состојби и перспективи