Стандард на квалификација – потреба за дизајнирање и за високообразовните квалификации


На 22 февруари 2019 година, во просториите на ЕУ делегацијата, се одржа  третиот промотивен настан за придобивките од Националната рамка на квалификации. Целна група на настанот  беа претставници од висообразовните институции и Одборот за акредитација на високото образование.

Настанот го отвори министерот за образование и наука, д-р Арбер Адеми, кој истакна дека Националната рамката на квалификации е моќна алатка за постојано и делотворно подесување на образовниот и системот на квалификации, кој како таков, обезбедува квалификации кои ќе бидат во функција на потребите на пазарот на труд за пофлексибилна вработливост на лицата и личен развој на поединецот,  а со тоа и на општеството во целина. ,,Телата кои се формирани, Националниот одбор за Македонска рамка на квалификации, Секторските комисии за квалификации и Одборот за акредитација на високото образование отсликуваат уште една улога на Националната рамка на квалификации, а тоа е обезбедување квалитет во стекнувањето на квалификациите”, истакна Министерот.

Државниот советник, м-р Наташа Јаневска, координатор за Националната рамка на квалификации, ги презентираше придобивките од Националната рамка на квалификации за сите видови корисници: поединците, носителите на квалификации, фирмите и компаниите, работодавачите, Агенцијата за вработување, креаторите на политики и општеството во целина. Посебно се задржа на потребата од Стандард на квалификација за високообразованите квалификации, кој ќе биде основа за изработување на студиската програма, со цел да се избегнат проблемите кои настануваат со разноликоста на имињата за една, иста, квалификација. ,,Називот на студиските програми е различен, а се работи за една иста квалификација. Стандардот на квалификација кој ќе биде изработен заеднички од страна на високообразовните инстируции од сите универзитети, за една квалификација, ќе стави крај на ваквата појава и нема да постои недоумица  кај лицата, носители на квалификациите”, истакна Јаневска.

Процесот на поврзување на Националната рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации и самопотврдувањето на Националната рамка за високообразовни квалификации со Рамката на квалификации на Европскиот простор на високо образование е важен за нејзината одржливост. Тој започна во 2014 година со подготовка на Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации и самопотврдување на високообразовните квалификации.

Јаневска истакна дека успешната одбрана на Извештајот во февруари 2016 година во Брисел, пред Советодавната група за Европската рамка на квалификации во Европската Комисија,  односно поврзувањето на Македонската со Европската рамка на квалификации е најголемата награда за сите нас и се разбира, одговорност за оправдување на укажаната доверба.

Со објавувањето на Извештајот за поврзување на Националната рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации и самопотврдувањето на Националната рамка за високообразовни квалификации со Рамката на квалификации на Европскиот простор на високо образование на веб страните на Европската Комисија и Болоњскиот процес, Македонската рамка стана  видлива за сите.

Претседателот на Националниот одбор на Македонската рамка на квалификации, Борчо Алексов, фокусот го стави називот на квалификацијата, како еден единствен и неповторлив, кој треба на насочува кон звањето и нивото на квалификацијата. Важната улога и одговорност во обезбедување на квалитетот во оваа насока ја имаат Националниот совет за високо образование и Одборот за акредитација на високото образование во соработка со Националниот одбор за Македонската рамка на квалификации.

,,Видливоста и транспарентноста се составен дел од процесот на обезбедување квалитет. Затоа нашите квалификации се објавуваат во Регистарот на квалификации. Нивното значење е такво затоа што се изработени на начин кој обезбедува квалитет, но и нивно поседување од страна на сите учесници во процесот”, истакна Алексов.