Националната рамка на квалификации во функција на бизнис секторот


Неусогласеноста на потребите на пазарот на работна сила и понудата на квалификации од страна на образованието и обуката е прашање кое ги обединува владините креатори на политики, образованието, работодавачите и бизнис секторот за да се изнајдат соодветни решенија за обезбедување динамична економска иднина. Образованието мора да биде пофлексибилно кога е во прашање неговото прилагодување кон потребите на пазарот на работна сила, бидејќи само на тој начин ќе се стекнуваат подобри квалификации релевантни на пазарот, а носителите ќе имаат соодветни знаења, вештини и компетенции, и ќе можат да одговорат на барањата на работодавачите и полесно да се вработаат. Тоа се постигнува со синергија и поврзаност помеѓу образовниот систем и пазарот на работна сила на сите нивоа што значи:

  1. фирмите и компаниите да ја зголемат вклученоста во образованието и образовните институции и
  2. образовните институции континуирано да соработуваат со фирмите и компаниите и
  3. кај поединецот да се поттикнува навика за доживотното учење.

Моќна алатка за постојано и делотворно подесување на образовниот и системот на квалификации, кој како таков, обезбедува квалификации кои се во функција на потребите на пазарот на труд,  а со тоа и на општеството и економијата во целина, е Националната рамката на квалификации. Воспоставена е 2013 година со донесување на Законот за Национална рамка на квалификации (Сл. весник бр.137/13 и 30/16).

Таа претставува национален стандард за воспоставување на системот на квалификации стекнати во нашата земја, но истовремено претставува инструмент за: систематизирање прегледност и споредливост на квалификациите, визија за реформи и модернизација на системот за образование и обука, заедничка платформа на соработка и комуникација на засегнатите страни, доверба во квалификациите кои ги поседува поединецот, единствен систем за осигурување квалитет и, најважно од се, воспоставување рамнотежа помеѓу образованието и обуката и потребите на пазарот на работна сила.

Истата се состои од 8 нивоа и 6 поднивоа на квалификации, споредливи со Европската рамка на квалификации и ги вклучува сите подсистеми на образование: формално, неформално и информално образование во процесот на стекнување квалификации. Секое ниво има свој опис на сложеност што треба да се постигне, изразен преку резултати од учење во смисла кои знаења, вештини и компетенции ќе се стекнат со изучување на квалификацијата и критериуми за вреднување на истите.

Телата кои се формирани, Одборот за Национална рамка на квалификации, Секторските комисии за квалификации и нивната соработка со образовните институции за верификација на образовните програми, акредитација на институциите и понудувачите на образовните услуги и Одборот за акредитација на високото образование ја отсликуваат и втората улога на Националната рамка на квалификации, а тоа е обезбедување квалитет во стекнувањето на квалификациите, што ја поттикнува довербата во истите.

Но, она што е значајно за Националната рамка на квалификации е изработката на Стандард на занимање, кој претставува основа за изработка на Стандард на квалификација. Тој, всушност, го претставува јазикот на кои зборуваат работодавачите и ги опишува фунционалните задачи на занимањето и компетенциите потребни за извршување на занимањето.  Стандардот на квалификација, е јазикот кој опишува како да се стекнат знаењата, вештините и компетенциите за да се извршуваат функциите и работните задачи на занимањето изразени преку резултатите на учење. Со читање на резултатите од учење работодавачот добива сознание за компетенциите што ги поседува носителот на квалификацијата. Образовните институции, користејки го Стандардот на квалификација, изработуваат образовни/ студиски програми за стекнување квалификација. Јавниот документ (свидетелство, диплома, уверение, сертификат) во кој стои називот на квалификацијата, претставува доказ за поседување на квалификацијата. Називот, треба да е јасен и едноставен, пред се, разбирлив за сите.

Видливоста и транспарентноста се составен дел од процесот на користење на Националната рамка на квалификации. Квалификациите објавени во Регистарот на квалификации  се доказ дека се изработени на начин кој обезбедува квалитет, но и нивно поседување од страна на  учесниците во процесот.

Националната рамка на квалификации има и меѓународна димензија. Во 2016 година, Националната рамка на квалификации се поврза со Европската рамка на квалификации, со подготовка и одбрана на Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации и самопотврдување на високообразовните квалификации, во Брисел, пред Советодавната група за Европската рамка на квалификации во Европската Комисија.  Тоа  подразбира оправдување на укажаната доверба, квалитет, препознатливост и признавање на квалификациите, но одговорност и нејзина одржливост.

Но одржливоста на рамката не може да се обезбеди, доколку таа остане затворена само со постоечките квалификации, без притоа истите да се користат и да се приспособуваат на  релативните потреби на пазарот на труд. Пред воспоставување на Националната рамка на квалификации како единствени креатори на образовни политики се јавуваа Владата и образовните институции. Сега, преку рамката како средиште на комуникација, од непроценливо значење е улогата на сите засегнати страни во овој процес, посебно улогата на бизнис секторот. Тој, се повеќе, ја зазема централната улога  во искажување на своите потреби за квалификувана работна сила и недостаток на човечки капацитет, како и во испорака на нови квалификации. Со својот капацитет, учествува во квалификацискиот процес на различни нивоа и во различни улоги: од изработка на Стандарди на занимање, Стандарди на квалификации, образовни програми до реализација на завршниот испит во тригодишните квалификации. Затоа при изработка на Стандардите на квалификации, бизнис секторот фокусот го  става на тоа што треба да знаат и за што ќе бидат вешти да прават лицата по стекнување на квалификацијата, а не што треба да учат. Учењето е процес на дизајнирање на образовната/ студиската програма согласно Стандардот на квалификација. Истовремено, вклучен е и во изготвување и реализирање програми за обуки според неговите потреби преку процесот на преквалификација и доквалификација, но испорачува и нови квалификации.

Изведувањето на практична обука на учениците/студентите кај работодавач за стекнување практични вештини, е уште една придобивка од Националната рамка на квалификации, и претставува можност на бизнис секторот за обезбедување квалитетен кадар со подобри квалификации при вработување, кој веднаш ќе се вклучи во работниот процес, без да се вложува во него.Тоа ја зголеми важноста на Секторските комисии за квалификации, во кои членуваат и претставници од бизнис секторот,  како стручни тела  за анализа на состојбата и тенденциите на пазарот на трудот и идентификување на потребите за сите видови на квалификации во согласност со потребите на пазарот на трудот и општеството, кои станаа потребни и препознатливи.

Заедничката соработка на бизнис секторот со образованието, поттикнува поголеми придобивки за поединецот, компанијата, фирмата и општеството, иновативност и креативност, нови и ефикасни начини на работа користејќи ги сите ресурси, зедничко споделување на трошоците, база на квалификувана работна сила, нови перспективи во насока на подобрување на економијата. Економијата се менува и ние мора да го фатиме чекорот со неа.

И токму затоа, без соработката на образованието и бизнис секторот и без испорака на квалитетна работна сила, брзо вработлива и релевантна на потребите на пазарот на труд, функцијата на Националната рамка на квалификации би била без предметна.

м-р Наташа Јаневска, Стопанска комора на Македонија