Одржана тематска седница на Националниот Одбор за „зелените“ работни места


На 11.02.2020 година Одборот за Националната рамка на квалификации ја одржа четвртата седница, односно седница за „зелените работни места“. Седницата беше тематски посветена на „зелените“ квалификации и работни места со цел Одборот да заземе став во поглед на понатамошниот развој на овие квалификации.

Од  страна на Одборот беа образложени досегашните активности на Одборот на ова поле. Како засегнати страни, присутни беа претставници од голем број организации како што се Меѓународната организација на трудот (ILO), Gogreen, Македонска платформа против сиромаштиј, Екосвест, Центарот за климатски промени и други. Покрај организациите  на седницата присуствуваа и вработени од Министерството за животна средина и просторно планирање, кои во своето излагање зборуваа за соработката на министерство со  Gogreen, особено во подрачјето на поврзување на „зелените“ работни места со невработеноста на младите луѓе.

Госпоѓата Софи Бомон од Делегацијата на Европската Унија во Скопје го поздрави одржувањето на оваа Седница и во своето излагање се осврна на Европската агенда за зелена економија и како со ИПА III програмата нејзе ќе и биде дадено предимство. Во меѓувреме во подготовка се трите регионални центри за средно стручно образование.

  

Претставникот од Екосвест, Јасмина Саид  изјави дека  концептот на „зелените“ работни места е обемен и треба да вклучува социјални аспекти како и опфат и развој во шест сектори од кои, обновливи извори на енергија, „зелена“ архитектура, управување со отпад, управување со води, одржлив и чист транспорт. Воедно треба да се поттикнува „зелената“ потрошувачка , водство темелено  на еко-социјална економија. Според неа и фер-шер претпријатијата се пример на кој треба да се посвети внимание бидејќи праведната распределба на приходите помеѓу инвеститорите, купувачите, вработените е битна за социјалната димензија и учество. Госпоѓата Саид исто така на присутните им подели и брошури кои се однесуваат на активностите поврзани со „зелената“ економија и „зелените“ работни места и накратко ги запозна присутните со нивната содржина и значење за овој собир.

Центарот за климатски промени во своето излагање претпочита „зелените“ работни места да се разгледуваат предимно од гледиште на повремена работа и истакна дека треба да се работи позасилено на зелените производи и услуги а од вештините кои треба да се развиваат ги нагласи: чувството за животната средина но и социјалните аспекти во пристапот. Тој исто така се залага за подготовка на регистар на претпријатија кои нудат „зелените“ работни места. На ова одговори претставникот од Организацијата на работодавачи на Македонија дека такви напори постојат.

Врз основа на расправата, Одборот на Национална рамка на квалификации издвои заклучоци, по кој ќе постапува следниот период.