Гласот на бизнис заедницата за Предлог Законот за стручно образование и обука


Претседателот на Одборот за Национална рамка на квалификации, г-динот Борчо Алексов се обрати на виртуелната распраба на тема: „ГЛАСОТ НА БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА ЗА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА“ која во организација на Стопанската комора на Северна Македонија, со поддршка на Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ – Е4Е@мк, се одржи на 28 мај 2021 година. Целта на расправата е да се слушне гласот на деловната заедницата како активен социјален партнер кој во изминатиот период поинтензивно е вклучен во креирањето на образовните политики преку искажување на своите ставови и мислења по однос на предлог законот за стручно образование и обука.

Работодавачите се директните корисници на стекнатите знаења и вештини на завршените ученици од стручното образование и обука и затоа од исклучителна важност е тие активно да учествуваат во создавањето на стручниот кадар преку зголемената вклученост во реализацијата на практичната обука на учениците. Затоа се најповикани да дадат свои мислења и ставови по однос на предлог-законот за стручно образвание и обука.

Во расправата учествуваа претставници од редот на коморите, организација на работодавачи и претставници од компаниите кои се вклучени во процесот на учење преку работа и дуалниот систем на образование  кои ги реализираат во соработка со средните стручни училишта со фокус на следните прашања:

  • Колкава е вклученоста на коморите и организацијата на работодавачи во креирањето на процесите за практична обука?
  • Кои се правата на работодавачите вклучени во процесот на реализација на практичната обука?
  • Кои се обврските на работодавачите вклучени во процесот на реализација на практичната обука?

Обраќањето на Претседателот на Одборот за Национална рамка на квалификации, беше на тема „Улогата на коморите и работодавачите во процесот на стекнување квалификации во стручното образование“.

Почитувани дами и господа,

Ви благодарам за укажаната чест да земам учество на овој значаен собир. Го претставувам Одборот за Националната рамка на квалификации, којшто за прилично кратко време од неговото основање, како ново тело, успеа да ги постави основите во обликувањето на квалификациите, коишто не само што треба да бидат подобни на нашето време и неговите потреби, туку треба да ја обезбедат и нивната употребливост и во претсојните, па и тешко предвидливите, околности. Се разбира, оваа работа, посветеноста и сегашните постигнувања на ова поле, ќе бидат попусти доколку изведбата и надзорот над неа, не ги следат заложбите.

Освен двете пропишани улоги за споредливост и прегледност на квалификациите, на нашата Национална рамка за квалификации и додадовме и трета, да биде и место за средби на сите оние кои се или вклучени во нивното создавање или пак ги користат: надлежните органи, здруженијата, коморите, работодавачите, учениците, родителите, наставниците, образовните установи. Оваа слика е вградена и во составот на одговорните тела, вклучени во постапките за обликување и усвојување на квалификациите. Па така, имаме состојба, која тежнееме да ја унапредуваме, во која не би требало да постои суштинска разлика помеѓу обликувањето и користењето на квалификациите. Односно, квалификациите треба да се обликуваат на начин кој е условен од нивното користење. Со оглед на тоа, дека станува збор за потфат, а не за завршено дело, бесмислено е да го изразуваме степенот на нашето задоволство од постигнатото. Оноа од што може, без засегање, да речеме дека сме задоволни се поставеноста, поврзаноста на нашата со Европската рамка на квалификации но и се поголемата вклученост и занимањето за учество од различни страни.

Разбирливо, во тоа предничат работодавачите. Овде не можам а, да не ја изразам големата благодарност до Стопанската комора, не само за несебичната подршка од самите почетоци, туку и повеќе за учеството во сите досегашни чекори и за големиот придонес во сè што до сега е постигнато. Денешниот собир е само прилог кон заложбите за потврдување на вашата улога. Обликувањето на квалификациите без вашето учество е речиси бесцелно. Нам не ни е непознато, не ни е нешто ново или пак нешто невообичаено, рабодотавачите да се, разбирливо, вообичаените и едни од најзначајните учесници во обликувањето и следењето на квалитетот на квалификациите и нивното вреднување и унапредување. Ова за што разговараме сега, е преслушувањето на делотворноста на тоа учество и зацртување на патеките по чие одење ќе обезбедиме придонес од кој работодавачите, поединците и општеството во целина ќе имаат најголема полза.

Образовните власти, преку содветните прописи, се одговорни да го уредат учеството на работодавачите, но не во смисла да се преоценува потребата од него, туку го уредува прво, заради прегледноста, она што се бара со рамката за квалификации, но потоа и заради нивното поттикнувањето. Сè уште не може да кажеме дека и проактивноста на сите работодавачите е на задоволителен степен. Нема оправдување ни дека предимствата на работодавачите не се во обликувањето и следењето на квалитетот на квалификациите ниту во тоа дека учеството треба да биде условувано од некои други повластици, ако има такви случаи. Вашите здруженијата или комори, освен за сите други интереси, се основаат и заради овие цели, квалитетот на квалификациите на вработените.

 На 1 јули 2020 година, Европската Комисија усвои предлог за Препорака на Советот, за стручно образование и обука за одржлива конкурентност, општествена правичност и жилавост. Едно од првите начела од предлогот е: Стручното образование и обука е агилно во прилагодувањето кон динамичните промени на пазарот на трудот. Подобрите предвидувања на вештините и механизмите за следење на завршените ученици како би се одговорило на промените во стопанскиот сектор и занимањата во склад со нив, соодветно да се прилагодуваат и содржините на стручното образование и обука. Доделување на ниво на автономија на даватели на стручно образование и обука што ќе им овозможува брза реакција на предизвиците со вештини, да нудат програми за брзо преквалификување и да работат во блиски партнерства со работодавачите од јавниот и приватниот сектор. Содржината на учењето и за младите и за возрасните нуди урамнотежен спој на клучни компетенции и повеќе вештини специфични за занимањето. Програмите за стручно образование и обука на сите нивоа вклучуваат компоненти на учење засновано врз работа за да се обезбеди релевантност на средното стручно образование на пазарот на трудот.

Во развојот на понудата на стручното образование покрај она што е придонес од истражувањата било во општествените било во техничките науки, многу поважно е искуството и опитот на работодавачите и без вградување на тие сознанија и нивната примена не можеме да очекуваме ниту негова привлечност ниту поразлично стучно образование, ќе останат постојните разидувања. Овде не мислам само на носечките туку и на придружните знаења и вештини. Носечките вештини како што знаеме се тешко употребливи или понекогаш и залудни доколку не се следени со ист квалитет како и придружните. Нивното раздвојување е повеќе заради нивното проучување или приказ, но кога станува збор за нивното стекнување, тие се стекнуваат едновремено односно придужните вештини ако не се стекнат при стекнувањето на носечките тешко дека ќе се стекнат како издвоени. И само така стекнати после поделотворно служат како преносни вештини кои може успешно да се применат и во други околности и за други работи и многу често се основа за иновативност и преприемчивост.

Сè на сè, начелно работодавачите треба да имаат издвоена улога при обликувањата на полните квалификации заедно со останатите учесници. Работодавачите својата полна и неприкосновена улога треба да ја имаат при понудата на таканаречените делумни квалификации или она што сега се нарекува микроквалификации и за многу работни места сосема природно е пристапот да биде условен со поседувањето на овој вид на квалификации.