Подобрување на текстот на Законот за Националната рамка на квалификации преку проектот „Образование за вработување“


На 10 март 2021 година се одржа состанок со Одборот на Националната рамка на квалификации на која беа презентирани активностите од Годишниот план за работа во рамките на проектот ,,Образование за вработување“ со фокус на измените и долонувањата на Законот за Национална рамка на квалификации и подготовката на Упатството за процесот на верификација на нова квалификација.

Проектот има за цел да го стимулира вработувањето во нашата земја преку подобрување на стручните знаења и вештини, како во формалното, така и неформалното образование што ќе овозможи младите луѓе полесно да се прилагодат на барањата на пазарот на трудот преку квалитетни програми за образование и практична обука во компаниите со што би се намалила невработеноста, односно што повеќе мажи и жени во С. Македонија да добијат работа, соодветна на нивните стручни вештини и компетенции.

Проектот има 3 компоненти:

  1. Неформално образование
  2. Формално образование
  3. Законска регулатива

Тргнувајќи од фактот дека при практичната примена на Законот се согледаа одредени недопрецизирани постапки во квалификацискиот систем, во делот на законската регулатива потребно е да се направи подобрување на текстот на Законот за Национална рамка на квалификации.

Истовремено ќе се работи и на подготовка на Упатството за процесот на верификација на нова квалификација, кое ќе биде ефикасна и разбирлива алатка за користење во процесот на креирање и верификување на квалификациите, од страна на работодавачите, бидејќи рабодотавачите се едни од најзначајните учесници во обликувањето и следењето на квалитетот на квалификациите и нивното вреднување и унапредување.

Во продолжение Одборот беше информиран дека во рамките на регионалниот проект ,,Кон регионални стандарди на занимања – ТО РЕГОС“ е изработена студија врз основа на анализа на релевантната состојба на квалификацискиот систем во нашата земја која ќе биде споделена на членовите на Одборот.

М-р Наташа Јаневска, експерт