Прв состанок на Управниот Комитет на Твининг Проектот „Понатамошна поддршка за имплементирање на националната рамка за квалификации“ MK IPA 17 SO 01 21


На 1-ви декември 2021-ва година се одржа првиот состанок на Управниот Комитет на Твининг проектот „Понатамошна поддршка за имплементирање на националната рамка за квалификации“ MK IPA 17 SO 01 21. Проектот е финансиран од Европската Унија и ќе биде имплементиран во период од 27 месеци.

Проектот се имплементира во соработка со Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и институции од Литванија, Словенија и Франција како земји членки партнери на Проектот. Водечка земја членка на Проектот е Министерството за образование, наука и спорт на Литванија во соработка со Центарот за проценка на квалитет на високото образование, Центарот за развој на квалификации и стручно образование и обука, Агенцијата за Европски социјален фонд и Високиот совет за евалуација на истражувањето и високото образование на Франција заедно со Институтот за стручно образование и обука на Република Словенија како помлади партнери на Проектот.

Главна цел на Проектот е дополнително зајакнување и операционализација на Националната рамка за квалификации (НРК), со што ќе се зголеми вработливоста, мобилноста и социјалната интеграција на работниците и учениците во Република Северна Македонија. Буџетот на Проектот изнесува 1.500.000,00 евра.

Се очекува Твининг Проектот да ја потпомогне функционалноста на НРК преку:

  • понатамошно развивање и имплементација на процеси/процедури за осигурување на квалитет
  • транспарентност и управување со вештините и квалификациите во рамки на доживотното учење во општото образование и стручното образование и обука и високото образование,
  • подобрување на квалитетот и подобра приспособливост на образованието и обуките согласно барањата на пазарот на трудот,
  • поврзување на формалното, неформалното и искуственото учење, како и
  • поддршка на процесот на валидација на резултатите од учење стекнати преку неформално или искуствено учење.

Г-динот Сељатин Бељули, Државен Секретар на Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија им посака добредојде на сите присутни и во својот говор ја потенцираше важноста од имлементирање на овој проект за самото Министерство, како и за сите институции и засегнати страни кои се вклучени во процесот. Учесниците, меѓу кои беа претставници на Делегацијата на Европската Унија за Република Северна Македонија, Секторот за централно финансирање и склучување договори, како и Секторот за Европска Унија – ИПА структура, беа дел од конструктивната дискусија поврзана со значењето на резултатите од проектот и активностите кои се засноваат на размена на искуства и знаења помеѓу земјите членки на ЕУ и земјата корисник.

Г-ца Агне Кудараускине, Проектен лидер од земјата членка, ги презентираше активностите на проектот во почетната фаза на имплементација, по што следеше кратко излагање на Постојаниот Твининг Советник на земјата членка – г-ца Јолита Буткиене околу Почетниот план за работа. Г-ца Аурелија Валеикене, краткорочен експерт, ги презентираше клучните фактори кои влијаат на успехот на проектот и г-дин Јанеш Дамјан, помлад проект лидер ја потенцираше важноста на соработката помеѓу странските и домашните експерти. Г-динот Лука Цитарела, претставник од Делегацијата на Европската Унија за Република Северна Македонија ја нагласи потребата од воспоставување на механизам на соработка помеѓу бројните проекти поврзани со Националната рамка за квалификации, оние кои се веќе имплементирани и таквите кои се во процес на имплементација, со цел да се одбегне преклопување на активностите и нивните очекувани резултати.

Почетниот план за работа беше потпишан од Проектните лидери и беше договорено дека следниот Состанок на Управниот комитет ќе се одржи во март, 2022-ра година.

 

Датум:            1-ви декември, 2021-ва година   

Место:             Министерство за образование и наука, Скопје