Одборот за национална рамка на квалификации го усвои првиот стандард на квалификација изготвен на иницијатива на работодавач


Одборот за национална рамка на квалификации на 31. седница го усвои стандардот Монтер на мотори и моторни возила  кој е првиот стандард на квалификација изготвен на иницијатива на работодавач, Ван Хоол ДООЕЛ. Со оваа квалификација ќе се оспособат кадри за подготовка за работата и работното место, планирање, задолжување со потребни делови и материјали, примање материјали, делови, склопови и системи за монтирање, монтирање и инсталирање делови, склопови и системи според дадената техничка документација или работна инструкција, отстранување неправилности во процесот на работа во граници на дадените овластувања, контролирање квалитет на извршена операција, според дадените критериуми за проверка на квалите т, селектирање и складирање отпад.

                                       

Во иницијативата за изработка на овој стандард се образложува дека развојот на производството во компаниите од автомобилската индустрија во Република Северна Македонија поттикнува на размислување како да се задоволат потребите од образовани кадри кои ќе се вклучат директно во производниот процес. Истовремено, досегашното искуство со дуалното образование во земјава даде патоказ како да се ублажи големата разлика меѓу вештините кои ги стекнуваат учениците во текот на образовниот процес и вештините кои се потребни на работното место. Дуално образование е модел каде што образовните процеси се одвиваат на две места и во училиште и во компанија. Училиштето е задолжено за посредување на теоретското знаење, додека пак компанијата за спроведување на практична обука. На овај начин со комбинација на теоретски знаења и практични вештини учениците навистина ќе се здобијат со знаење и вештини кои што се потребни на пазарот на трудот.

 

Од анализата на состојбата со образовни профили во нашата држава, утврдено е дека е потребно да се размислува и дејствува во насока на воведување на профил со кој ќе се образуваат кадри кои ќе бидат оспособени да извршуваат работни задачи во областа на автомобилската индустрија. Со овој образовен профил ќе се унапредат можностите за вработување, како и континуирано стручно образование и усовршување. Преку овој образовен профил ќе се развие модел за специјално партнерство преку програмско и организациско поврзување на средното стручно училиште со компаниите од автомобилската индустрија во Република Северна Македонија.

За предлагачот на иницијативата

Ван Хоол  (VAN HOOL NV) е белгиска компанија за производство на автобуси  и комерцијални возила, која е основана во 1947 година во близина на Лиер, Белгија. Речиси веќе 70 години, Ван Хоол ужива репутација во дизајнирањето и производство на високо квалитетни, ултра модерни автобуси и комерцијални возила кои се прилагодени кон барањата на потрошувачите. Од средината на 2013 година, Ван Хоол започнува со производство во новоизградената фабрика во Македонија, под името Ван Хоол Македонија ДООЕЛ Илинден.

Со оглед на специфичностите на производствениот процес, недоволното практично искуство на ресурсната база за вработување, развојот на технологијата и честите промени во истата,  како и високото ниво на прилагодување на производите кон барањата на крајните потрошувачи, во компанијата постои искуство со т.н. in-house или hаndѕ-оn тип на тренинзи.

Во 2016 година, Ван Хоол Македонија ДООЕЛ Илинден, во рамките на регистрираната општа клаузула за бизнис презема активности во насока на етаблирање на Обучен центар за образование на возрасни лица. Целта на споменатиот Центар е да обезбеди трансфер на знаење и искуство (know-how) од областа на производството на моторни возила, а со цел обучување на профили со специфични знаења и искуство и зголемување на нивните можности и шанси за вработување, а кои подоцна ќе бидат користени како ресурс на база за вработување во друштвото и/или за потребите на поширокото опкружување во Република Северна Македонија.