Што сè се случуваше во март – активности на Твининг проектот „Понатамошна поддршка за имплементирање на Националната рамка на квалификации“ MK IPA 17 SO 01 21, финансиран од Европската Унија


Твининг проектот и проектниот тим ги завршија сите активности и настани кои беа планирани во Планот за работа. Два важни настани, настанот за официјално отворање на проектот и 2-риот состанок на Управниот Комитет се одржаа во текот на март.

Кога станува збор за активностите, мисија 2 од Активност 4.1.1 се одржа во периодот од 6ти до 11ти март во која словенечките експерти Уршка Маретич, Ника Мустар и Маја Грашиќ, како и нивната колешка Бриџит Буке од Франција подготвија препораки за подобрување на дигиталниот регистар за НРК. Заедно со претставници од Биро за развој на образование, претставници од високообразовните институции, Центарот за стручно образование и обука и Центарот за образование на возрасни дискутираа за задолжителните и изборните полиња кои треба да бидат вклучени во дигиталниот регистар за НРК.

                                 

Во истата недела се одржа и свеченото отворање на проектот во Скопје Мериот Хотел. Настанот на кој присуствуваа претставници од државните институции и вработени од главните засегнати страни, го најави официјалниот старт на проектот и неговите активности. На присутните им се обрати Министерот за образование и наука на Република Северна Македонија, г-дин Јетон Шаќири. Поздравни обраќања имаа г-дин Стефен Худолин, од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Н.Е. Амбасадорката на Литванија за Хрватска, Црна Гора, Косово и Република Северна Македонија г-ца Јурате Рагукиене, Н. Е. Амбасадорот на Словенија за Република Северна Македонија г-дин Милан Предан, г-дин Хуго Бектел, Советник за соработка и културни активности од Франција, проектните лидери г-ца Агне Кудараускине и г-дин Борчо Алексов, двајцата помлади проектни лидери г-ца Мишел Хуп од Франција и г-дин Александар Сладојевич кој го претставуваше г-динот Јанеш Дамјан од Словенија и г-ѓа Наташа Јаневска од Стопанската комора на Северна Македонија. Сите ја потенцираа важноста на проектот и активностите во насока на подобрување на Националната рамка на квалификации и креирање на поквалитетни квалификации.

                           

После овој настан, беше одржан 2-риот состанок на Управен Комитет во Клубот на пратеници каде беа присутни мнозинството на членови на Комитетот. Постојаниот твининг советник г-ца Јолита Буткиене ги презентираше завршените активности како и Работниот план за претстојниот период. Заменик Министерот г-дин Љуљзим Алиу изрази благодарност и честитки за сработеното досега, работните состаноци, мисиите и настанот за свеченото отворање на проектот. Тој истакна дека стручноста на експертите е очигледна, а со тоа и своите очекувања дека не се сомнева во целосно и навремено извршување на проектните активности како и зајакнување на НРК. Проектните лидери го потпишаа Работниот план за претстојниот период со што ја загарантираа понатамошната имплементација.

                         

Во периодот од 12ти до 25ти март, втората мисија од Активност 1.1.2 се одржа во Центарот за образование на возрасни. Експертите од Литванија Нора Скабурскиене, Даива Лепаите и Алмантас Шерпатаускас заедно со претставници од високообразовните институции, Националниот Совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, студенти, Агенцијата за квалитет во високото образование, новоименуваните Претседатели на Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, како и нивни членови, дискутираа и направија преглед на одредниците на образовните програми во согласност со Болоња барањата и Стандардите и Упатствата за обезбедување квалитет на Европскиот простор за високо образование (EHEA, ESG 2015).

                           

Веќе следната недела, се одржаа две мисии паралелно. Една од мисиите која беше посветена на спроведување евалуации и подготовка на аналитички извештај за подобрување и операционализација на НРК поврзана со стручното образование и обука се одржа во Центарот за стручно образование и обука каде група на странски експерти беа добредојдени од страна на вработените и Директорот. Во склоп на оваа мисија од Активност 2.1.1 експертите Одета Купетиене од Литванија, Дариа Дуилович и Бриџит Буке од Франција која ни се придружи онлајн, одржаа многу состаноци со претставници од Секторските Комисии, Бирото за развој на образованието, Центарот за образование на возрасни, Центарот за стручно образование и обука, Комората на занаетчии, ХОТАМ-Хотелска асоцијација, како и со претставници од Секторот за средно образование, образование на возрасни и доживотно учење од Министерството за образование и наука. Многуте конструктивни дискусии и интервјуа им помогнаа на експертите да ги оформат препораките за подобрување на НРК во однос на СОО.

                          

Во исто време во просториите на Министерството за образование и наука се одржа мисија 3 од Активност 1.1.1 каде странските експерти Видмантас Тутлис, Ана Тецилазич, Аурелија Валеикиене, Миле Џелалија и Еугенијус Стумбрис работеа заедно со претставници од високообразовните институции со цел преглед на методолошките и правните прописи за НРК во согласност со политиката и правната рамка за надворешно обезбедување на квалитет во високо образование и СОО спроведени преку инклузивен пристап кој се базира на докази. Дополнително, по барање на Проектниот лидер на земјата корисник беше направена анализа на квалитетот на истражувачката дејност во високообразовните институции во Република Северна Македонија. Беше одржан состанок во Фондот за иновации и технолошки развој во насока на планирање на ресурсите за научно-истражувачка дејност со посебен фокус на високото образование. Во склоп на оваа мисија беше отворена дискусија околу меѓународната соработка во рамки на академската заедница со јавниот и приватниот сектор. Беа подготвени прелиминарни препораки за подобрување на активностите поврзани со истражувањата како и комплетирање на препораките за обезбедување на квалитет во системот на НРК во согласност со последните барања на Европската рамка за обезбедување на квалитет.

                       

 

 

Овој Билтен е изработен со поддршка на Европската Унија. Содржината е одговорност само на твининг проектот и никако не ги одразува ставовите на Европската Унија.