По завршувањето на празниците Твининг проектот започна со реализација на своите активности предвидени за јануари 2023 г., притоа потсетувајќи ги сите чинители дека подобрувањето на квалитетот на образованието продолжува да биде еден од главните приоритети за оваа година. Планот за спроведување на проектот за оваа година започнува со три активности. Целта на првата активност беше да се финализира патоказот за НРК (2022-2023) врз основа на повратните информации на засегнатите страни, да се ревидираат активностите и индикаторите за реализација на целите, како и да се изврши формално одобрување на финалната верзија. Пет експерти од ЗЧ заеднички организираа дискусии со релевантните клучни партнери: експерти од ЗК од МОН, претставници на Одборот за НРК, Центарот за СОО и Бирото за развој на образованието. Врз основа на дијалогот со главните чинители се дефинираа девет работни пакети што ќе ја насочат имплементацијата на НРК.
Фотографии (лево и десно): Дискусија со чинителите за финализирање на патоказот за НРК
Целта на втората активност што се реализираше во јануари беше да се развие комуникациска стратегија и план за подигање на свеста. Експертите, во консултација со ЗК, изработија упатство за комуникација што би им помогнало на институциите одговорни за управување со НРК да им ги пренесат на академскиот сектор, на тековните и потенцијалните студенти, нивните родители, на бизнис заедницата и општеството како целина, целите и главните функции на НРК во координирани и унифицирани комуникациски пораки. Еднодневната обука беше организирана за прес-службата на МОН и за телата одговорни за управување со НРК, а ја опфаќаше важноста на внатрешната и надворешната комуникација, каналите и пораките што се користат за промовирање на НРК, препораките за имплементација на комуникациската стратегија и изработка на пилот-акциски план.
Фотографии (лево и десно): Еднодневна обука за важноста на внатрешната и надворешната комуникација; искористување на канали и пораки за промовирање на НРК
Работата во рамките на третата активност се засноваше на препораките од претходна мисија. Целта беше да се изработи нацрт-прирачник за управување со дигиталниот внес во НРК регистарот и за обезбедување квалитет. Краткорочни експерти од Словенија и експерти од одделението за НРК заедно дискутираа за главните аспекти што треба да ги опфати прирачникот, притоа насочувајќи го фокусот кон имплементација на одредени компоненти од препораките на ЕУ во однос на дигиталните регистри за НРК.
Фотографија: Завршен состанок со претставници на МОН
Овој Билтен е изработен со поддршка на Европската Унија. Содржината е одговорност само на Твининг проектот и никако не ги одразува ставовите на Европската Унија.