Европска рамка на квалификации (ЕРК): подготовки на земјите од регионот опфатени со процесот на проширување на ЕУ за референцирање кон ЕРК и за членување во Советодавната група за ЕРК


Европската фондација за обука (ЕТФ), на 30 септември и 1 октомври 2015, во Подгорица, Црна Гора, организира дводневна работилница посветена на искуствата од референцирањето на националните рамки на квалификации кон ЕРК. Целта беше да се промовира меѓусебното учење и размена на искуства помеѓу земјите опфатени со процесот на проширување на ЕУ. Исто така, Работилницата помогна за подготовка на земјите од регионот за престојното вклучување како полноправни членки на Советодавната група за ЕРК на Европската Комисија. На Работилницата учествуваа претставници од соодветните министерства и институции што имаат важна улога во развојот на квалификациите во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Република Македонија, Србија и Црна Гора, како и експерти од ЕТФ, Белгија, Хрватска и Словенија.

                                                              IMG_20150930_104510             IMG_20150930_164955

Домаќин на Работилницата беше Министерот за образование на Црна Гора. Работилницата беше поддржана и од Генералниот директорат за вработување и социјални прашања на Европската Комисија. Главни теми на Работилницата беа:

  • Размена на искуства и дискусија за добрите практики од референцирањето на националните рамки на квалификации кон ЕРК
  • Поддршка на новите земји што ќе се придружат на ЕРК заедницата за успешно вклучување во Советодавната група за ЕРК, референцирање на нивните рамки на квалификации кон ЕРК и само-сертифицирање кон Рамката на квалификации на Европската област на високото образование (QF-EHEA)
  • Издвојување на искуствата и научените лекции, кои можат меѓусебно да ја поттикнат работата на референцирање и имплементацијата на националните рамки на квалификации
  • Промоција на натамошниот дијалог и размена на искуства од заеднички интерес, како и утврдување на области за натамошна регионална соработка.