Mакедонската рамка за квалификации поврзана со европската рамка на квалификации


На 34-тата Седница на Советодавната група за Европска рамка на квалификации која се одржа од 3-4 февруари 2016 година во зградата van Maerland во Брисел, Република Македонија успешно го презентираше и одбрани Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации. Делегацијата на Министерството за образование и наука ја сочинуваа: Наташа Јаневска, Државен советник; Борчо Алексов, Помошник раководител за високо образование; Нада Стоименова и Аспасија Хаџишче, советници.

New Picture (8)

Советодавната група за Европска рамка на квалификации е основана од страна на Европската Комисија за подршка на спроведувањето на препораките на Еврпскиот парламент и Советот на Европа за воспоставување на Европска рамка на квалификации за доживотно учење од 23 април 2008 година. Советодавната група за Европска рамка на квалификации е одговорна за обезбедување на целокупната кохерентност и промовирање на транспарентноста на процесот на поврзување на системите за квалификации со Европската рамка на квалификации.  Советодавната група ја сочинуваат претставници на земјите членки на Европската унија, земјите кандидати за членство, социјални партнери, младински организации и други релевантни организации и здруженија.

Заради спроведување на препораките за Европската рамка на квалификации, Советодавната група има за цел да обезбеди дека методологиите кои се применуваат од страна на земјите за поврзување на националните нивоа на квалификации со Европската рамка на квалификации се кохерентни и даваат консистентни резултати како и тоа дека се следат јасни процедури и критериуми за прикажување на достапните информации за начинот на примена на методологиите за поврзувањето на националните квалификации во согласност со усвоените критериуми и процедури за поврзување со Европската рамка на квалификации. Во рамките на својот мандат Советодавната група се грижи и за понатамошното развивање на Европската рамка на квалификации, соработката со Европскиот простор за високо образование, со Евроските вештини, компетенции и занимања (ESCO) како и со другите европски иницијативи.

Процесот за поврзување на Македонската рамка за квалификации со Европската рамка за квалификации траеше речиси две години и во склоп на активностите по тој повод беа одржани бројни семинари и јавни расправи во кои беа вклучени сите релевантни општествени чинители, надлежни органи, студенти, образовни установи, здруженија, институции и работодавачи, како резултат на што беше изготвен извештајот.

Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации се осврнува на националниот систем за образование, системот за обезбедување на квалитет при стекнување на квалификациите и одговор на десетте критериуми за поврзување со Европската рамка за квалификации. Покрај ова, Извештајот на Република Македонија ги содржи и одговорите на критериумите и процедурите за самопотврдување на Националната рамка на високообразовните квалификации којашто е обврска од Европскиот простор на високо образование (Болоњскиот процес).

Критериумите за процесот на поврзување изискуваат и вклучување на меѓународни стручњаци. Во случајот на Македонската рамка на квалификации како меѓународни стручњаци беа вклучени госпоѓа Едварда Кастел Бранко од Европската фондација за обуки и  господин Миле Џелалија од Хрватска кои со своите препораки и искуство имаа значителен придонес во квалитетот и прегледноста на содржината на извештајот.

Претставувањето на Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации го најави госпоѓа Ана Карла Переира, претседавач на Советодавната група која ја поздрави делегацијата на Република Македонија и ги запозна членовите со активностите и напорите на Република Македонија за воспоставување на Национална рамка на квалификации и нејзиното поврзување со Европската рамка на квалификации како и со активното учество на земјата преку својот претставник во Советодавната група.

New Picture (9)

По повод поврзувањето на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации, на Советодавната група за Европска рамка на квалификации од име на Министерот за образование и наука, членовите ги поздрави Државниот советник Наташа Јаневска, координатор на постапката за поврзување на Македонската рамка за квалификации. Во своето пригодно обраќање таа истакна дека процесот на поврзување на Македонската рамка за квалификации претставуваше своевидно национално движење и обединување во кое сите општествени чинители дадоа несебичен придонес и тој беше срдечно прифатен заради значењето од придобивките за граѓаните на Република Македонија. Таа исто така го истакна и значењето на меѓународната димензија со вклучување на бројни меѓународни стручњаци од различни области и организации како неопходност, особено сега, кога Владата на Република Македонија вложува огромни напори за привлекување на што поголем број на странски инвеститори и отварањето на нови работни места, кои треба да го препознаат квалитетот на македонските квалификации но и да придонесат кон нивно развивање и континуирано подобрување за доброто на целото општество.

New Picture (10)

Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации го презентираше Помошникот раководител за високо образование и член на Советодавната група за Европска рамка на квалификации, Борчо Алексов. Во својата презентација тој се осврна на стратешките приоритети од Програмата за работа на Владата на Република Македонија кои се однесуваат на унапредувањето на квалитетот на квалификациите и политиките за градење на општество засновано на знаење и во тој контектс, за значењето коешто го има поврзувањето на Националната со Европската рамка на квалификации за граѓаните на Република Македонија. Освен својата основна улога, да претставува орудие за транспарентност и споредливост на македонските квалификации со европските тој им обрати внимание на членовите на Советодавната група дека за Република Македонија, процесот на воспоставување на Национална рамка на квалификации ќе има и дополнителна улога на реформирање на националниот систем на образование,  кој ќе обезбедува квалификации засновани на резултати на учење во чие креирање ќе учествуваат надлежните органи, работодавачите, здруженијата, образовните установи, студентите, односно накратко сите засегнати општествени чинители.

По неговата презентација, согласно усвоените постапки за поврзување на националните рамки на квалификации со Европската рамка на квалификаци, со свои мислења, коментари и прашања се произнесоа:

Госпоѓа Слава Певец од името на CEDEFOP (Европски центар за развој на стручните обуки)

Господин Жан Филип Рестие, од името на Советот на Европа

Госпоѓа Едварда Кастел Бранко од Европската фондација за обуки

Господин Миле Џелалија од Хрватска

Господин Џон О’Конор од Ирска, QQI (Квалитет и квалификации на Ирска) и

Госпоѓица Тијана Исоски од Европската студентска унија

Во рамките на своите мислења и коментари сите говорници беа едногласни дека Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации е јасен и прегледен и соодветствува на својата намена, согласно критериумите и методологијата, да го прикаже на транспарентен начин стекнувањето на квалификациите во Република Македонија и нивната споредливост со Европската рамка на квалификации.

По однос на забелешките одговараше членот на Советодавната група, Борчо Алексов кој вети дека сите забелешки ќе бидат вклучени во завршната обработка пред зобјавувањето на Извештајот.

На крајот, по исцрпувањето на расправата, копретседавачот на Советодавната група за Европска рамка на квалификации, господинот Коено Номден свечено објави дека Македонската рамка на квалификации е поврзана со Европската рамка на квалификации.

Поврзувањето на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка на квалификации претставува мошне значаен исчекор и ќе има бројни придобивки за граѓаните на Република Македонија. Во иднина како резултат на прифаќањето на Извештајот, дипломите кои се издаваат во Република Македонија ќе смеат да ја носат европската ознака со што ќе сведочат дека квалификацијата за која се однесуваат е споредлива со европската рамка на квалификации. Од друга страна се олеснува процесот на признавање на домашните квалификации во странство и обратно со што дополнително ќе се унапреди подвижноста на пазарот на трудот, но и на студентите, учениците и нивните наставници. Рамката на квалификации е најделотворна средишна точка за сите засегнати страни, за обезбедување на квалификации кои ќе придонесуваат за континуирано унапредување на општеството на сите полиња но што е уште позначајно за задоволство на секој поединец посебно. Така поставена, рамката за квалификации ќе биде алатка за подесување во ôд на квалификациите, како за општествените и потребите на пазарот на труд така и за потребите за личен развој во контекст на доживотното учење на секој поединец посебно и за вреднување на неговите постигнувања на системски уреден и одржлив начин.

Признанието од страна на  Советодавната група за Европска рамка на квалификации за исполнетоста на критериумите за поврзување на Македонската рамка на квалификации со Европската рамка за квалификации освен што претставува голема чест за Република Македонија, претставува и дополнителни мотив и одговорност за понатамошен развој и унапредување на квалификациите и нивниот квалитет како и следење на сите современи текови на полето на знаењата, вештините и компетенциите кои треба да ги поседуваат граѓаните за соодветен и благовремен одговор на современите и идните општествени предизвици.

Презентација