Брисел го прифати извештајот за поврзување на македонската рамка на квалификации со европската


Извештајот за поврзување на Македонската рамка на квалификации со европската, беше успешно презентиран и одбранет во Брисел, истакна на денешната прес конференција  заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, која ја одржа заедно со директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Дарко Димитров. Ристовски потенцираше дека Република Македонија две години работела на изготвување на Национална рамка на квалификации, како национален стандард за регулација на стекнувањето и користењето на квалификациите, кој требаше да биде  усогласен со Европската рамка на квалификации.

New Picture (1)

„Членовите на Советодавната група за Европската рамка на квалификации, основана од страна на Европската Комисија, констатираа дека Извештајот е јасен, прегледен, соодветствува на својата намена и истиот едногласно го прифатија. Особено ми е драго што овој процес го завршивме за релативно многу пократок период, во однос на некои поразвиени европски земји на кои извештаите сеуште не им се прифатени, иако ги имаат поднесено пред нас“, рече Ристовски.

Извештајот за поврзување на Македонската  рамка на квалификации со Европската, беше изготвен од страна на помала работна група за изработка на Извештајот за усогласување на Македонската  рамка на квалификации со Европскатарамка и самопотврдување на Националната рамка на високообразовните квалификации којашто е обврска од Европскиот простор на високо образование, во состав: Аспасија Хаџишче, Наташа Јаневска, Нада Стоименова и Борчо Алексов, претставници од МОН. Извештајот во текот на неговата подготовка беше искомунициран со повеќе чинители вклучени во процесот на развивање и имплементација на МРК преку презентации, работилници, состаноци, дебати и сите мислења и сугестии беа внесувани во Извештајот.

Ристовски рече дека усогласувањето на Македонската  рамка на квалификации со Европската ќе овозможи дипломите кои во иднина ќе се издаваат во Република Македонија да имаат  европски предзнак, со што ќе гарантираат дека квалификацијата за која се однесуваат  постои и во Европската рамка на квалификации.

„Ова значи дека се олеснува процесот на признавање на домашните квалификации во странство и обратно, а тоа дополнително ќе ја унапреди мобилноста на пазарот на трудот, но и на студентите, учениците и нивните наставници. Вака поставена, рамката за квалификации ќе биде алатка за подесување на квалификациите, како за општествените и потребите на пазарот на труд, така и за потребите за личен развој во контекст на доживотното учење на секој поединец посебно и за вреднување на неговите постигнувања на системски уреден и одржлив начин“, рече Ристовски.

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност  Димитров додаде дека Македонската рамка на квалификации ќе претставува транспарентен систем кој дава основа за стекнување на квалификациите, проодност и квалитет на квалификациите.

„Посебно се издвојува улогата која ќе ја има за зголемување на квалитетот и на квантитетот на меѓународните мобилности во процесот на учење, но и на мобилностите за обуки во рамките на пазарот на трудот. Успехот со поврзување на македонската со европската рамка на квалификации е од големо значење за Република Македонија и, всушност, значи приклучување на македонскиот образовен систем кон европскиот образовен простор“, рече Димитров.

Процесот за поврзување на Македонската со Европската рамка на квалификации траеше две години. Во 2013 година беше донесен Закон, врз основа на кој потоа рамката на квалификации беше усвоена. Минатата година беше формираан Националниот одбор за македонската рамка на квалификации, кој ќе биде координативно тело на процесот на нејзината имплементација.