Размена на искуства за процесот на поврзување на Националните рамки за квалификации со Европската рамка на квалификации


Во организација на Европската фондација за обуки (ETF) и Министерството за цивилни работи на Босна и Херцеговина, на 2-ри и 3-ти јуни 2016 во Неум, се одржа настан за размена на искуства за процесот на поврзување на Националните рамки за квалификации со Европската рамка на квалификации на кој беше поканета и Република Македонија. На настанот учествуваа претставници од надлежните органи на Босна и Херцеговина, работодавачи и претставници од повеќе други земји.

Во име на Министерството за образование и наука, своја презентација имаше и Борчо Алексов, Помошник раководител за високо образование и член на Советодавната група за Европската рамка на квалификации, во која се осврна на процесот на поврзување, стекнатите искуства како и совети за што поуспешно поврзување на Националната рамка за квалификации на Босна и Херцеговина. Присутните претставници од Босна и Херцеговина искажаа голем интерес за македонското искуство во поврзувањето на Македонската рамка на квалификации со Европската а особено за организацијата, структурата на извештајот, вклученоста на партнерите и придонесот од јавните расправи како и за значењето на рамката за квалификации за развојот на пазарот на трудот и придобивките на граѓаните.

Министерството за образование и наука на Република Македонија се заблагодари на Европската фондација за обуки (ETF) и Министерството за цивилни работи на Босна и Херцеговина за укажаната чест и дадената можност за прикажување на Македонската рамка за квалификации пред преставниците од Босна и Херцеговина и искуствата во процесот на поврзување и изрази спремност за понатамошна подршка на Босна и Херцеговина во овој процес.