Споделени искуства на студиската посета во Шкотска


Во рамки на твининг проектот “Натамошно подобрување на системот за развивање и имплементација на Националната Рамка на Квалификации” – MK 13 IPA SO 02 15, во последната недела од месец април, беше организирана студиска посета на Шкотското партнерство за рамка на квалификации и доделување кредити (Scottish Credit and Qualifications Framework  Partnership) во Глазгов, Шкотска.

Делегацијата од Министерството за образование и наука и Агенцијата за вработување на Република Македонија, предводена од г-ѓа Наташа Јаневска – државен советник во Министерството, оствари работни средби и со колегите од Агенцијата за обезбедување квалитет во високото образование, Националната агенција за вештини,  Националното тело за поддршка на квалитетот и подобрување на учењето и предавањето, Извршното јавно тело за Шкотската влада за акредитација, Образовниот инспекторат кои се дирекно вклучени во националниот систем на квалификации. Исто така, делегацијата од Македонија ги посети и Шкотскиот центар за противпожарни обуки и спасување како и Колеџот на градот Глазгов, тела кои нудат квалификации според Шкотската национална рамка на квалификации за сите нивоа од рамката.

Покрај размената на искуства во процесот на воспоставување и развивање на националните рамки на квалификации, разгледани беа и активностите во поддршка на промоција и препознавање на важноста на рамките, развивањето на меѓуинституционалните соработки, признавањето на претходното учење и неформалното учење, процесите на доделување на кредити во стручното и високото образование, обезбедувањето на квалитет во процесите на развивање на квалификации, управувањето со регистарот на квалификации, како и начините за прибирање на релевантни и навремени информации од пазарот на труд и соодветни брзи реакции од образовниот систем. Вклученоста на заинтересираните страни, како што се учениците, наставниците, родителите, возрасните и работодавачите коишто паралелно со институциите во образовниот систем имаат еднакво значење и важност е постојан предизвик за чиешто успешно надминување двете страни споделија искуства и предлози.

Соработката, помеѓу двете институции, продолжува по студиската посета и по завршување на тековниот проект, преку планирани дополнителни активности на повеќе полиња.

http://scqf.org.uk/macedonian-delegation-visit-scqfp/