Работилници за нови квалификации според потребите на пазарот


Во рамките на Tвининг  проектот за Национална рамка на квалификации, во периодот од 03.07.2017 до 07.07.2017 година се одржаа работилници за развивање на нови квалификации во два сектора, Секторот за туризам и угостителство и Секторот електротехника, подсектор ИТ на барање на пазарот на труд. Работилниците беа поддржани од Комората за туризам и Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), а во соработка со МОН и  експертите од Полска:  Wojciech Stechly,  Michal Sitek,  Maciej Lasota и Roxana  Pierwienicka.

На работилниците учествуваа претставници од: Министерството за образаование и наука, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Комората за туризам на Република Македонија, Центарот за образование на возрасни, Центар за стручно образование и обука, наставници од средните стручни училишта, како и претставници од туристичките агенции и ИТ компаниите и Центрите за обука.

При изработката на стандардите на квалификации од страна на експертите беше истакнато фокусот да се стави на тоа што треба да знаат и да прават лицата кога ќе ја стекнат квалификацијата, а не што ќе учат. Учењето е процес на дизајнирање на наставната програма согласно стандардот на квалификација. Беше презентирана и разликата помеѓу стандард на квалификација  како стандардизиран опис на квалификацијата со одредени елементи кои се бараат и квалификација како формален резултат од процесот на евалуација и потврдување кој се стекнува кога одговорната институција потврдува/ сертифицира дека поединецот ги има постигнато резултатите од учење согласно утврдените стандарди, без оглед на тоа како и каде се стекнати.

Во Секторот за туризам и угостителство беа развиени нацрт квалификациите : Бариста и Продавач на авио билети, додека во Секторот електротехника, подсектор ИТ нацрт квалификациите: Јава програмер и лице за тестирање на софтвер.